декември 18, 2020

Завршен настан од проектот „Социјална инклузија на ученици со посебни потреби“

На 16.12.2020 година во просториите на ООУ „Ѓорѓија Пулевски“-Аеродром во рамки на проектот „Социјална инклузија на ученици со посебни потреби“ поддржан од Црвен крст на Република Северна Македонија Општинска организација Кисела Вода, на учениците со посебни образовни потреби им се доделија едукативни сетови кои во текот на изминатите три месеци беа изработувани од нивни соученици. Со почитување на мерките за превенција и заштита од Ковид- 19 во холот на училиштето беше организиран пригоден настан на кој присуствуваа директорот на училиштето Марјан Јовановски, претставник од стручната служба, претставници од Црвениот крст, ученици со посебни потреби од училиштето, нивни родители и ученици кои беа вклучени во изработката на материјалите. Со овој настан се заокружува проектот кој придонесе кон подигање на свеста кај учениците од училиштето и нивните родители за специфичните потреби со кои се
соочуваат дел од нивните соученици. Низ низа од работилници водени од страна на специјалниот едукатор и рехабилитатор Весна Вукелиќ, а со поддршка на координаторот на проектот од Црвениот крст – Магдалена Бојковска, ученици од осмо одделение изработува едукативни сетови со дидактички материјали наменети за полесно совладување на наставниот процес на учениците со посебни потреби од прво до петто одделение. Проектот им овозможи на учениците со посебни потреби да се чувствувуваат поприфатени во училишната средина, а воедно кај
учениците од осмо одделение да се подигне свеста за различностите и да се зајакне толеранцијата и емпатија кон своите соученици. Црвен крст на РСМ Општинска организација Кисела Вода за училиштето донираше мултифункционален принтер во боја, како и лап топ, додека за тимот на ученици кои ги изработуваа едукативните сетови како знак на благодарност додели благодарница врачена од страна на директорот и координаторот на проектот.
 
 
 
 
 
 
< врати се назад