март 28, 2021
ПРОЕКТ: “Играта на зборови може да повреди” финансиски поддржан од Фондот за развој и проекти на Црвен крст на Република Северна Македонија
Црвен Крст на Република Северна Македонија Општинска Организација Кисела Вода како и сите останати организации на Црвен крст директно беше инволвирана во справување со ново настанатата Ковид-19 ситуација, со што на терен можеше директно да го согледа влијанието и последиците од Светската борба со овој вирус.
Со фукнционирањето засебно и изолирано во домовите, Ковид- 19 кризата придонесе за намалена социјализација, комуникација и го насочи вниманието на луѓето кон социјалните мрежи и медиуми, а најмногу на младите. Иако употребата на интернетот и електронски уреди има голем број предности, вклучувајќи го и образованието, постојат и многу недостатоци кои создаваат нови проблеми.
Живееме нова реалност, каде процентот на деца изложени на сајбер булинг бележи вистинска кулминација. Неможе да се занемари фактот, дека зголеменото врсничко насилство на електронските простори е благодарение на постоењето на пандемијата, намалениот културен живот, редуцираното дружење со врсниците и дополнително онлајн образованието. Последиците од сајбер булингот освен што се големи, оставаат впечаток и доживотно сеќавање во човековата меморија, кое го нарушува нормалното и секојдневното функционирање на младите.
Младите се нашата движечка сила, непресушниот извор на креативност, способност, и знаење. Оттаму произлегува потребата за превенција на младите од сајбер насилство. Најчест аларм на кој сите ние реагираме е физичкото насилство, но тоа е сосема погрешно и недоволно, психичкото насилство многу повеќе влијае врз развојот на децата. Психичкото насилство т.е булингот има по суптилни начини на однесување кои создаваат внатрешни трауми кои потешко заздравуваат. Огромен е бројот на деца кои секојдневно трпат зборови кои болат до коска!