март 28, 2021
Денот на формирање на Црвен крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството
По повод 17 март, Денот на формирање на Црвен крст на Република Северна Македонија и Денот на крводарителството, Црвениот крст на Република Северна Македонија Општинска организација Кисела Вода реализираше крводарителска акција во дневниот центар за дарување на крв при ДХО Даре Џамбаз, каде својата хуманост и солидарност ја истакнаа 48 дарители, од мобилизирани 55 дарители.
Мисијата на Црвениот крст веќе 76 години е подобрување на животот на ранливите категории лица. Нашето работење е втемелено врз универзалните принципи и истото има моќ да го унапреди светот во кој живееме преку промовирање на мир и толеранција, ефикасна превенција, навремен одговор и соодветна поддршка за ранливото население.
Дел од палетата активности на Црвениот крст е крводарителсвото. Од 1953 година, Црвениот крст на Македонија е иницијатор и организатор на акциите за доброволно дарување на крв, мотивира дарители и работи во сферата на унапредување на крводарителството, додека трансфузиолошката служба ја зема, тестира, обработува и дистрибуира крвта и се грижи за сигурна трансфузија на крв и крвни продукти. Крв може да дарува секое здраво лице на возраст од 18-65 години. Мажите даруваат на секои 3 месеци, а жените на секои 4 месеци.
Особена благодарност сакаме да искажеме до нашата хуманистка Жаклина Мучева, која изработи честитки со благодарност за секој крводарител!
Благодариме дарители за денешниот Ваш допринос, нека е честит денот на основањето на Црвениот крст и честит денот на сите крводарители!